Циклонот Кенет, којшто донесе силни врнежи од дожд, предизвика оштетување на околу 3.300 домови во Мозамби, поради што повеќе од 18 илјади луѓе мораа да се засолнат во привремени живеалишта.

Врнежите коишто веќе втор ден не престануваат предизвикуваат огромни проблеми за спасувачките екипи, коишто се обидуваат да се пробијат низ дождот, ветерот, излизганото земјиште и поплавите, за да стигнат до селата што разурнувачкото невреме ги отсече од светот. Како шти јавува БиБиСи, во тие отсечени подрачја има илјадници луѓе.

Според официјални информации на властите, во оваа јужна африканска држава, циклонот земал две жртви. Овие двајца загинати се зголемување на црниот биланс што зад себе го остави големото невреме, во кое претходно, на Коморските острови загинаа три лица. На островот Ибо, Кенет оштети повеќе од 90 проценти од сите куќи.

Кенет е најнов во серијата временски непогоди што го погодија Мозамбик во последно време. Во средината на март, земјата беше уништена од циклонот Идаи, кој погоди околу 1,8 милиони луѓе. Тогаш, загинаа околу 600 луѓе, а стотици илјади останаа без кров над главата. За да се намалат последиците од тоа невреме, владата на Мозамбик побара меѓународна помош.