Во својата армија и во полицијата, Русија ќе ги замени советските пиштоли „макаров“ со ново оружје, што ќе биде способно да функционира при температури до минус 70 степени Целзиусови, соопшти производителот, корпорацијата „Ростех“.

Сериското производство на новиот пиштол со име „питон“ се очекува да почне пролетва, соопшти воено-индустриската корпорација.

„Макаров“ е полуавтоматски пиштол, што во советското вооружување беше воведен во 1951 година и во тоа време го заменил тогашниот „токарев“. „Макаров“ е основното лично вооружување на вработените во вооружените сили или силите за безбедност во голем број држави од бившиот Варшавски пакт, како и во Кина, соопшти  „Ростех“.

Со својата деструктивна моќ, „питон“  ќе биде еден од најмоќните пиштоли во светот, тврди корпорацијата, потенцирајќи дека куршумот со калибар 9×21 милиметри, што ќе го користи, ќе биде во состојба да пробива панцирни елеци на далечина од 100 метри. Пиштолот ќе може да функционира при екстремни температури во дијапазон од минус 70 до плус 50 степени, во услови на пустинска суша, арктички студ и висока влажност, истакна индустрискиот директор на кластерот „Вооружување“ на „Ростех“, Сергеј Абрамов.

Во следната етапа „питон“ ќе биде достапен во цивилна и спортска верзија, како и за извоз.