Палестинската држава го одби планот на Белата куќа за економско закрепнување на Блискиот Исток вреден 50 милијарди долари. Во амбициозниот американски план се опфатени Палестинските територии и соседните арапски земји, предвидува создавање на глобален инвестициски фонд во вредност од 50 милијарди долари, што би го финансирале богатите земји, како и фонд од пет милијарди долари за изградба на коридор, со кој би се поврзале Западниот Брег и појасот Газа.

Планот, кој следната недела на меѓународната конференција во Бахреин треба да го претстави советникот на Белата куќа, Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучува 179 инфраструктурни и деловни проекти. Кушнер рече дека планот претставува шанса на векот, доколку Палестинците имаат храброст да ја искористат.

Планот, на кој Кушнер и неговите соработници работеа две години, би бил применет само во случај на политичко решавање на долгогодишните проблеми во регионот. Кушнер изрази уверување дека спроведувањето на планот ќе отвори милиони работни места на Западниот Брег и во Газа, ќе ја преполови палестинската сиромаштија и ќе го удвои БДП на Палестинците.

Предвидено е повеќе од половина од 50 милијарди долари да бидат инвестирани во палестинските територии во текот на следните 10 години, додека останатите ќе бидат поделени на Египет, Либан и Јордан. Планот, исто така, предлага речиси една милијарда долари да се инвестираат во изградба на палестински туристички сектор.

Администрацијата Трамп се надева дека богатите заливски, но и европски и азиски земји, заедно со приватни инвеститори, ќе одвојат поголем дел од парите за планот, најави Кушнер.

Претставничка на Палестинската ослободителна организација, Ханан Ашрави, оцени дека плановите на Кушнер се апстрактни ветувања и дека конфликтот може да се реши само со политичко решение.

Ако навистина се грижат за палестинската економија, нека ја прекинат окупацијата во Газа, нека го спречат Израел да ги краде нашите пари, ресурси и земјиште и да ги отвори нашите територијални води, воздушниот простор и границите за слободно да извезуваме и увезуваме – изјави Ашрави таа.

Одбивање на планот дојде и од движењето Хамас, коешто ја контролира Газа, од каде порачаа дека Палестина не е на продажба.

Од друга страна, Израел го поздрави планот на САД.