Поправките на оштетувањата на Триумфалната капија, направени за време на протестите на „Жолтите елеци” во Париз ќе чини повеќе стотици илјади евра, можеби дури и милион евра, изјави претседателот на Центарот за национални споменици.

Се проценува дека штетата изнесува повеќе стотици илјади евра, а можеби и милион. Споменикот ќе остане затворен за јавноста повеќе денови, рече Филип Белавал во неделата за весникот Фигаро.

Биле забележани кражби во изложбените простори, продавници и тоалети. Гипсен модел од 1930-тите години бил смачкан. Бистата на Наполеон била обезглавена, рече Белавал, кој на Твитер објави фотографии од оштетувањата.


Датумот на повторното отворање на Триумфалната капија не е познат, која во неделата ја посетил и претседателот Емануел Макрон за да ја констатира штетата. Полицијата отворила истрага и е во потрага по лицата кои влегле во споменикот.