Најмалку шест луѓе загинаа, а 30 се тешко повредени по експлозија која се случи во комплекс на хемискиот индустриски парк на истокот од Кина, соопштуваат локалните власти. Надлежните органи од градот Јанченг, во покраината Џијангсу соопштија дека во тек е акција за спасување.

Државните медиуми јавувваат дека властите спроведуваат истрага за причините кои довеле до експлозијата.

Видео снимките и фотографиите на друштвените мрежи го прикажуваат оганот и искршените прозорци на околните згради. Медиумите јавуваат дека меѓу повредените се наоѓаат и деца кои биле во градинка во близината на индустрискиот парк.

Незадоволството на јавноста заради безбедносните стандарди во Кина порасна откако се случија низа несреќи, од инциденти во рудниците до пожари во фабриките.

Експлозијата се случила околу 14 часот по локално време во околијата Сијангшуи, а на лице место пристигнале пожарникари и припадници на останатите служби за итна интервенција.

На првите снимки кои се појавија од местото на настанот се гледа висок столб од црн чад и огнена топка.