Еден ден откако  беше суспендирана  процедурата за усвојување на спорниот закон за екстрадиција на граѓани на кинеските власти, десетици илјади луѓе  повторно излегоа на улиците на Хонгконг.

Новинската агенција Асошиејтед прес, пренесува дека демонстрантите, извикуваале „Повлекување“ и „Оставка“. Тие носат постери на кои се бара заминување од власт на шефицата на хонкохшката влада Кери Лам и целосно повлекување на нацрт-законот.

Лам вчера изјави дека ќе биде суспендирана процедурата за усвојување на нацрт-законот за екстрадиција на граѓани на кинеските власти. Таа претходно инсистираше на донесување на законот, и покрај бројните критики од активистите за човекови права и бизнис организации, кои тврдат дека со измените ќе се наруши репутацијата на Хонгконг како територија со независно судство.

Противниците на новиот закон наведуваат дека правниот систем на Кина не би им ги гарантирал на обвинетите истите права кои тие ги имаат во Хонгконг, кој е полуавтономна кинеска територија.

Кога во 1997 година, Велика Британија ѝ го предаде на Кина, на Хонгконг му беше гарантирано правото да го задржи својот социјален, правен и политички систем во наредните 50 години, по принципот „една земја, два системи“. Сепак, владејачките кинески комунисти сè повеќе не се придржуваат до тој договор и инсистираат на промени во законите, кои се непопуларни во Хонгконг.