Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел не е земја на сите граѓани, туку „само на еврејскиот народ“. Ваквата реакција следеше по изјавата на глумицата Ротем Села која на „инстаграм“ праша „кога некој во оваа влада јавно ќе каже дека Израел е земја на сите негови граѓани“.

Нетанјаху на „инстаграм“ наведе дека сите граѓани, вклучително Арапите, имаат исти права, но алудираше на контраверзниот закон, усвоен минатата година, во кој се наведува дека Израел е национална држава на еврејскиот народ.

„Израел не е држава на сите негови граѓани. Врз основ на законот за националност кој го усвоивме, Израел е национална држава на еврејскиот народ и само на него“, напиша Нетанјаху одговарајќи на оценката на глумицата.

„Како што напишавте, нема проблем со арапските граѓани на Израел. Тие имаат исти права како и ние и владата на Ликуда, политичката партија на власт, инвестираше во арапскиот сектор повеќе од било која друга влада“, додаде Нетанјаху.

Арапите се околу 20 отсто од девет милионската популација во Израел.