Силите на НАТО се подготвуваат за најголемата воена вежба по повеќе од една ипол деценија, на која ќе се симулира инвазија врз Европа. На вежбата што ќе се одвива во Норвешка во втората половина од октомври, учество ќе земат 45 илјади војници, 150 авиони, 60 бродови и 10 илјади возила од 29 земји членки на НАТО. Шведска и Финска, коишто соработуваат со НАТО, но не се членки, исто така ќе бидат дел од воената симулација.

Ваквите активности доаѓаат како одговор на огромната демонстрација на воена моќ на Русија и Кина, кои минатиот месец ги одржаа заедничката воена вежба Восток 2018. Овие маневри се одржаа во Јужен Сибир, а во нив учествуваа околу 300 илјади руски војници, речиси една третина од вкупно милион колку што брои руската армија.

Претстојните вежби имаа за цел да покажат дека силите на НАТО се истренирани, способни да работат заедно и се подготвени да одговорат на закана од која било насока, соопштија од штабот на Алијансата. Русија не ја прифати поканата да испрати набљудувачи на воените маневри, но адмиралот Џејмс Фого, водечкиот американски адмирал во Европа, најави дека Русите ќе има што да видат.

Во нивен интерес е да дојдат и да видат што правиме. Ќе може доста да научат за нас. Но, знаете што? Јас сакам тие да бидат таму за да видат колку сме моќни и колку добро функционираме заедно – изјави адмиралот Фого.

Со свој став пред одржувањето на маневрите што во едно ќе спојат три рода на армиските сили, копнени, воздушни и поморски, искажа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој изјави дека разговарал со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров за претстојните воени вежби, но и за загриженоста на Алијансата за „зголемената агресивност“ на Русија надвор од нејзините граници.