НАСА ги истражува наводите против астронаутка која наводно пристапувала до банкарската сметка на својата сопруга од Меѓународната вселенска станица. Тоа може да биде прво обвинување за кривично дело сторено во вселената.

Ен Меклејн признала дека пристапувала на сметката на својата разведена сопруга, но изјавила дека не сторила ништо лошо, објави Њујорк Тајмс. Нејзината сопруга, Сем Ворден, пак, наводно, поднела тужба против МекКлејн до Федералната комисија за трговија.

Во меѓувреме, Ен Меклејн се врати на Земјата, а нејзиниот адвокат за Њујорк Тајмс изјави дека астронаутката само сакала да види дали нејзината поранешна партнерка има доволно пари за да ги плати сметките и да се грижи за синот што заедно го одгледале пред да се разведат.

Меклејн и Ворден, која работи во разузнавањето на воздухопловните сили, се венчале во 2014 година. Ворден официјално побарала развод во 2018 година.

Меклејн дипломирала на престижната воена академија „Вест Поинт“ и потоа работела како воен пилот во Ирак. Таа е избрана да лета за НАСА во 2013 година.

Пет национални и меѓународни вселенски агенции се вклучени во работата на Меѓународната вселенска станица – од САД, Канада, Јапонија, Русија и меѓународна агенција со експерти од повеќе европски земји. Договорената правна рамка предвидува законите на земјите на потекло да се применуваат за сите лица и имотот во вселената. Тоа значи дека ако еден канадски државјанин би сторил кривично дело во вселената, ќе му се суди во согласност со канадскиот закон, а на руски државјанин во согласност со рускиот.