Истражување на институтот „Галуп интернешенел“ покажува дека во Западна Европа само една четвртина од населението би земало оружје во рака за да ја брани својата татковина. Затоа, пак, во САД, на воена одбрана на земјата се подготвени 44 отсто од жителите, доедека во земјите од Блискиот, Северна Африка и Пакистан дури 94 отсто од граѓаните со оружје би ја бранеле својата татковина.

Истражувањето е спроведено во 64 држави, а меѓу нив, во Австрија е најмал процентот на граѓани што позитивно се изјасниле за вооружена одбрана на земјата, само 21 отсто.

„Овие резултати се изненадувачки. Очигледно на Австријците, како и на другите во Централна Еврпа, им недостасува конкретна слика на закана“ – анализира директорот на Военоисторискиот музеј, Кристијан Ортнер.

За разлика од Австријците, граѓаните на Швајцарија и Шведска, коишто важат за изразити пацифисти, изразуваат поголема подготвеност да ја бранат земјата во случај на опасност.  Во Швајцарија таа бројка е 39 отсто од граѓаните, додека во Шведска 55 отсто.

Надвр од Европа поголема подготвеност на вооружена борба.

Како што покажува истражувањето, доколку земјите се соочени со конфликт, мнозинство од населението е подготвено на вооружена одбрана, како што е во Северна Африка, Блискиот Исток и Пакистан, каде што таа бројка е 94 отсто. Нешто помали бројки има во Турција, 74 отсто и во Израел, 66 отсто.

Што се однесува до верските заедници, 52 отсто од католиците се подготвени за својата земја да заминат во војна, додека тоа би го сториле 78 отсто од муслиманите, 77 отсто од хиндуистите и 66 отсто од будистите.

Кога станува збор за разликата меѓу половите, подготвеноста на мажите за војна е 67 отсто што е поголема од таа кај жените, од кои 52 отсто би војувале за татковината.