Севернокорејскиот лидер Ким Џон Ун ги изненади претставниците на медиумите во Ханој кога, како што наведува Асошиејтед прес скоро сигурно за прв пат, одговори на прашање на странски новинар.

На прашање на новинарот на „Вашингтон пост“ Дејвид Накамуре дали е сигурен дека може да постигне договор со Трамп, Ким одговори: Се уште е рано да се одговори на тоа. Нема да прогнозирам, но инстиктивно чувствувам дека резултатот ќе биде добар.

Агенцијата АП тоа што Ким му го одговори на новинарот го нарече „делче од историјата“ од самитот со Трамп, а „Политико“ го нарече „изненадувачки и момент без преседан“.

Претходно, новинарите не беа во можност да му поставуваат прашања на Ким за време на трите самити со јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин и четирите состаноци со кинескиот претседател Си Џи Пинг. Ким исто така ги игнорираше прашањата кои му ги поставуваа новинарите за време на неговиот прв самит со Трамп во јуни минатата година во Сингапур.

Трамп и Ким не постигнаа договор во Виетнам. Поради неуспехот, двајцата лидери порано си заминаа од Виетнам и ја откажаа планираната церемонија на потпишување договор.