Германската канцеларка Ангела Меркел одново беше забележана како се тресе, по трет пат за помалку од еден месец, јавува Ројтерс. Сега тоа се случи при пречекот на финскиот премиер Анти Рине во Берлин.

Телото на Меркел се тресеше за време на церемонијата пред Владата, каде Рине беше пречекан со воени почести.

Добра сум и не треба да се вознемирувате за мене, изјави канцеларката подоцна.

И портпралот на Владата изјави дека канцеларката е добра и оти разговорите со гостинот од Финска продолжуваат според програмата.

Истото се случи и на 18 и на 27 јуни и во двата случаи тресењето на Меркел престануваше откако таа почнуваше да оди. Во првиот случај, на висока температура, таа изјави дека се чувствува добро, откако претходно испи три чаши со вода.