Европската комисија би можела да ја води Германецот (Баварецот) Манфред Вебер откако тој денес доби убедливо мнозинство гласови на партискиот конгрес во Хелсинки каде се избираше кандидат за претседател на ЕК од редовите од Европската народна партија (ЕПП). Тој го победи противкандидатот од Финска, поранешниот премиер Александер Стуб. Стуб (50), кој е познат како солиден триатлонец искрено му честиташе на четири години помладиот конкурент кој доби 492 гласови, наспроти неговите 127.
Манфред Вебер е член на ЦСУ, сестринската партија на ЦДУ од Баварија. За себе вели дека доаѓа од мало место, од мала партија, но со визија за единство во Европа, со визија за човечки вредности. Тој така и настапи – со песната „One vision“ големиот хит на групата Квин.
Во моментов се знае дека во трката за фотелјата во Брисел Манфред Вебер против себе ќе го Франс Тимерманс, кандидатот на социјалдемократите.
Според најавите, ВМРО-ДПМНЕ која во Хелсинки беше застапена со четиричлена делгација, застана зад Вебер. Претходно лидерот Христијан Мицкоски имал средба со него при што, како што беше соопштено, го информирал за политичкиот прогон кој се спроведува против македонската демохристијанска партија.
„Сонувам за Европа која не зависи од никого, каде работиме напорно за да создадеме подобри услови за живот за сите Европејци“, рече Вебер.
Тој рече дека заштитата на границите е еден од приоритетите, но истакна дека „сонува дека Европејците ќе бидат први кои ќе пронајдат лек за ракот“. За Вебер е познато дека не се согласува со политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, а јасно кажа дека е и против продолжување на преговорите за членство со Турција
Инаку, германската канцеларка Ангела Меркел беше многу среќна за неговиот избор. Таа претходно рече:„Драг Алекс (Стуб), ти благодарам за твојата изборна кампања, но оето срце чука за Манфред Вебер“.
А медиумите во Германија денес исто така чукаат со срцата во ритмот на Меркел.
Валтер Халстајн беше првиот и единствен Германец кој бил на чело на Европската комисија во 1960-тите години. Тогаш многу помала, а денес вработува армија од 32.000 лица.
Comments are closed for this post.