Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика граѓаните на Европската унија, со своите гласови на европските избори во мај, да ја заштитат загрозената Европа, пренесуваат медиумите. Во авторски текст, што е објавен во водечките медиуми во сите 28 држави на ЕУ, францускиот претседател пишува:
Од Втората светска војна наваму Европа никогаш не била понеопходна отколку сега. И никогаш не била позагрозена.
Како симбол на проблемите со кои се соочува Европа, Макрон го посочува Брегзит. Според него, „лагите и неодговорноста“ довеле до излегувањето на Велика Британија од ЕУ, што се очекува кон крајот на март.
Францускиот лидер ги повикува европските граѓани на изборите за Европскиот парламент да ги отфрлат националистичките партии, кои „не нудат ништо“. За да одговори на очекувањата на граѓаните, Макрон ветува да свика „конференција за Европа“, што ќе ги понуди „сите неопходни промени, без никакви табуа, вклучувајќи го и преразгледувањето на договорите“.
Францускиот претседател нуди редица конкретни предлози за реформи, што ќе доведат до „европска ренесанса“:
– создавање на „европска агенција за заштита на демократијата“, што ќе ги заштитува државите на ЕУ од манипулации и сајбер напади на изборите,
-забрана за финансирање на политичките партии од туѓи држави,
-криминализација на говорот на омраза и насилството на интернет,
-ангажман за стриктно зачувување на правата и обврските во Шенген зоната за слободно движење, за да се гарантира солидарно слободата и безбедноста,
-создавање во ЕУ на заедничка гранична полиција и служба за обезбедување азил, што ќе биде потчинета на Европскиот совет за внатрешна безбедност,
-Европската унија да подготви „договор за одбрана и безбедност“, што ќе ги одреди обврските на земјите од ЕУ, кои членуваат во НАТО,
-воведување на „социјален штит“, што ќе гарантира еднакви плати за едно и исто работно место.
Францускиот претседател пишува дека Европа, каде е создадена социјалната сигурност, треба да создаде социјален штит за секој вработен од исток на запад и од север на југ, за да има еднаква плата за едно и исто работно место и европска минимална плата, сообразена со условите во секоја држава.
Comments are closed for this post.