На Самитот на ЕУ до рано изутринава, а почна вчера со работна вечера, покрај претходните консултации на тимовите, се ваделе ножеви околу поделбата на клучните функции во Унијата, но договор не е постигнат. Тоа рано утринава го потврди и претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој, сепак, за разлика од медиумските извештаи, не зборуваше дека Самитот околу поделбата на лидерските фунции бил фијаско.
Но, јасно е дека претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск вчера не успеал да ги приближи лидерите на Франција и на Германија, Макрон и Ангела Меркел, пред се околу тоа кој ќе биде идниот претседател на Европската комисија. Затоа денес е јасно дека „шпицен кандидатот“ за таа функција, Манферед Вебер, избран од Европската народна партија излета од игра (германските медиуми истакнуваат дека Меркел ни името не му го спомнува), но заедно со него и номинациите на другите најголеми политички групи во ЕП – Франс Тимерманс на социјалдемократите и Маргрет Вестагер на либералите.
Меркел рече дека исходот по европските избори е таков што ни десните ни левите партии од центарот немаат мнозинство кое ќе им дозволи да се договараат за поделбата на функциите (шеф на ЕК, претседател на ЕП, на Европската централна банка, на Советот на ЕУ, за омбудсманот, па се до еврокомесарите) . Слично беше и во 2014 година, но тогаш овие партии беа посилни отколку сега, па се договорија Жан Код Јункер да стане шеф на ЕК, а Мартин Шулц на ЕП. Сепак, и тогаш преговорите се одолговлекоа до август.
Овој пат е можно да се пробијат сите рокови и Јункер дури да остане шеф на ЕК до октомври, или дури и до наредната година.
Нова шанса за договарања е закажана за 30 јуни, по Самитот на Г20 во Осака, а Јункер смета дека мали се шансите да се постигне договор.
Меркел, Меркел!
Италијанскиот претседател на ЕП, Антонио Тајани за француската агенција АФП изјави дека „Манфред Вебер не е мртов, штотуку ручав со него“, но речиси е соема јасно дека неговата кандидатура е готова. Затоа во ЕПП веќе се направени извесни консултации за истакнување нов кандидат, а меѓу нив се споменуваат преговарачот за Брегзит, Мишел Барние, директорката на ММФ, Кристин Лагард. Но, како најинтересно е што во игра се споменува и името на канцеларката Ангела Меркел. Првин од устата на Макрон, кој би ја поддржал со две раце, а вчера и Зигмар Габриел во една колумна во која истакна дека Меркел би била супер кандидат.
Зошто? Многу едноставно. ЕУ е затечена од моменталната состојба предизвикана со скориот Брегзит, кој најверојатно ќе биде тврд, како и подемот на популистичките партии, односите со Русија и со Кина, играта на нерви која има ја игра Доналд Трамп… Затоа многумина би биле среќни доколку Меркел барем размисли за таа позиција.
Comments are closed for this post.