Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја оцени состојбата на безбедносната архитектура во Евроазија на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, говорејќи за „агресивните планови на Западот“, ширењето на НАТО, изгледите за решавање на конфликтот во Украина и односите со Вашингтон.
Лавров предупреди дека Русија нема да дозволи Евроазија да стане „феуд на НАТО“, обвинувајќи ги западните земји дека се „подготвуваат за нова голема војна“, пренесе РИА Новости.
Тој оцени дека Алијансата „ги шири активностите на Арктикот и во Тихиот Океан“ со цел да ја спречи Кина и да ја изолира Русија.
– Повеќепати сме рекле дека никогаш сме немале, ниту имаме, намера да нападнеме која било моментална членка на НАТО или ЕУ. Подготвени сме овој став да го вградиме во идните безбедносни гаранции за овој дел од Евроазија, но лидерите на ЕУ избегнуваат да ги разгледуваат овие идни гаранции на вистински колективна основа, рече Лавров, наведувајќи ги договорите меѓу Франција и Велика Британија за координација на нуклеарните сили и договорот на Лондон и Берлин за воена соработка како доказ за милитаризација на Европа.
Говорејќи за новата безбедносна архитектура на Евроазија, Лавров повика на создавање „панконтинентална структура отворена за сите земји од регионот“, заснована на принципите на суверена еднаквост и неделивост на безбедноста.
– За разлика од Западот, Русија и нашите партнери – Кина, Индија, Иран, земјите од ЗНД – се уверени дека стабилноста и просперитетот бараат еднакви права за сите држави, а не доминација на привилегираните, рече Лавров.
Осврнувајќи се на конфликтот во Украина, рускиот министер ги обвини европските членки на НАТО дека ја продолжуваат војната „пумпајќи оружје и пари на киевскиот режим“.
– Европските лидери прават сè за да го убедат Вашингтон да се откаже од решавање на конфликтот на преговарачка маса, рече Лавров.
Тој додаде дека Москва полага надежи во договорите постигнати меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, на самитот во Алјаска, велејќи дека Русија очекува САД да останат посветени на тие принципи.
Говорејќи за билатералните односи со Вашингтон, Лавров кажа дека Русија предложила обнова на директниот воздушен сообраќај, но оти „американската страна не му придава приоритет на тоа“.
Исто така, истакна дека Москва очекува одговор од САД на нејзиниот предлог за нов Договор за намалување на стратешкото вооружување, како и на тестирањето на руските крстосувачки ракети „Буревестник“.
– Не слушнав никаков одговор преку дипломатските канали. Сите молчеа, заклучи Лавров







Comments are closed for this post.