Австрискиот канцелар Себастијан Курц, две недели пред изборите за Европскиот парламент, предизвика реакции, со најавата дека сака да поништи дури 1000 правила на ЕУ. Тој во интервју за виенскиот дневник „Естерајх“, рекол дека е доста од лудилото на регулација на ЕУ, како и дека е доста со наметнување правила од Брисел.

Тој нагласи дека меѓудругото, непотребно е правилото за шницли или помфрит, со кое Брисел одредува како треба да изгледаат намирниците.

„На никого не му е потребно Брисел да пропишува како се подготвува шницла“ рекол Курц, додавајќи дека ЕУ треба да се занимава со одговори на големи предизвици, како што е заштитата на надворешните граници, безбедноста или климатските промени. Според Курц, проектот за мир на Европа се повеќе станува тесен бирократски простор за граѓани.

Австрискиот канцелар порача дека е неопходно, ако се сака да се придобие поддршката на граѓаните за ЕУ, да се спречи бирократското наметнување од Брисел.

Неговото барање наиде на жестоки критики од опозицијата, која оценила дека канцеларот е против ЕУ.

Курц минатата недела ја критикуваше одлуката на турските власти за анулирање на локалните избори во Истанбул. Тој рече дека оној што не ги прифаќа демократските избори нема што да бара во ЕУ. Курц побара конечен прекин на пристапните преговори на ЕУ со Турција, но исто така истакна дека е неопходно Унијата чесно да се однесува кон Турција, која веќе со години со се поголеми чекори се оддалечува од ЕУ.