Големиот корупциски скандал што ја потресе Украина би можел да доведе до крај на владеењето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, пишува британскиот весник „Телеграф“.
Според официјалните изјави по операцијата, истрагата открила дека целиот механизам на наводната кражба го водела „високо рангирана криминална организација“ која планирала да извлече околу 100 милиони долари од енергетскиот сектор, во време кога руските ракети секојдневно ја погодуваат украинската инфраструктура, според „Телеграф“.

 

Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, синоќа ја предупреди Украина дека најбрзиот начин да ја изгуби поддршката од Западот е толерирање на корупцијата.

-Доколку Украина толерира корупција, тогаш нема да влезе во Европската унија. ЕУ бара чесност и почитување на правилата, изјави полскиот министер за надворешни работи за телевизијата Полсат.

Шикорски рече дека токму за ова го предупредил украинскиот вицепремиер Тарас Качка по најновиот корупциски скандал.

-Тој слушна од мене, по којзнае кој пат, дека најлесниот начин Украина да ја изгуби поддршката од Западот е толерирање на корупцијата, рече Шикорски.

Според министерот, се чини дека властите реагирале доста добро, бидејќи веднаш имало оставки и апсења.

-Клучно ќе биде како ќе реагираат украинските власти, изјави Шикорски за полската приватна телевизија.

Полскиот министер синоќа повторно ја критикуваше Унгарија за засолнување и одбрана на идеолошки блиски поранешни полски функционери од популистичката партија „Право и правда“, обвинети за корупција и проневера на јавни пари.

Поточно, поранешниот министер за правда Збигњев Жобро, чиј имунитет беше одземен од полскиот парламент минатата недела и беше одобрено да биде уапсен за да одговара на суд за обвинувањата дека проневерил речиси 36 милиони евра од Фондот за правда за жртвите на криминалот, искористени во кампањи за одржување на власта на „Право и правда“.

Поранешниот заменик-министер за правда Марчин Романовски, кој беше обвинет за истите кривични дела, веќе избега во Унгарија и таму доби азил.

„Унгарија не само што блокира едно нешто. Исто како што го блокира враќањето на Романовски во Полска, го блокира и проширувањето на Европската Унија, блокира половина милијарда евра за Полската армија од фондот за одбрана на кој имаме право“, рече Шикорски.

Кога Романовски доби азил во Унгарија, Шикорски го повика полскиот амбасадор во Будимпешта во Варшава на консултации.

„Не сакам сега да зборувам за тоа што ќе правам доколку Унгарија направи уште еден непријателски гест. Но, сигурно ќе има реакции“, изјави шефот на полската дипломатија.