Во Брисел денес лидерите на 28 членки на ЕУ ја одржуваат првата формална работна вечера по изборите за Европскиот парламент, а главна тема на разговорите ќе биде кој ќе го наследи Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија.
Се очекува лидерите до одржување на Советот на 20-21 јуни да се договорат за сите клучни позиции – претседател на ЕК, претседател на Европскиот совет, високиот претставник за надворешни работи, претседател на Европската централна банка и за претседател на Европскиот парламент.
Во претходниот мандат имаше релативно мирен и безболен компромис меѓу ЕПП и С&Д блокот партии, односно за Јункер и за Мартин Шулц, но овој пат изборните резултати ќе налагаат многу поширок консензус во вклучување во игра на либералите од АЛДЕ и Зелените. Нешто што ЕУ го нема како искуство од претходни избори. ЕУ по традиција се грижи за балансот, тоа да биде земја, или регион, комбинација на политика и географија, а една висока функција е резервирана за жена, како што е сега случајот со Федерика Могерини, неформална шефица на европската дипломатија.
Но, изборот за претседател на Европската комисија нема да биде лесен, зашто за прв пат од 1979 година ЕПП и Социјалистите не се во мнозинство во Парламентот, па така принципот „голема коалиција“ кој досега функционираше може да биде невозможна мисија и Брисел да бара нова магична формула.
Големата надеж на европските народни партии, Германецот Манфред Вебер, сега бара поддршка кај либералите и во Зелените, но социјалдемократите и либералите не се подготвени, барем не во моментов, да го поддржат Вебер. Ова може да значи и одолговлекување на процесот за избор на клучните луѓе.
Но, во моментов се издвојуваат како два топ (шпиц) кандидати за наследник на Јункер – Вебер и Тимерманс. Па, кој од нив, исто и кој ќе ги добие и другите клучни функции?
Професор Хендрик Вос, од Центарот за европски студии во Гент, за холандскиот јавен сервис НОС изјави.„Навистина, никој не знае во моментов како че биде. ЛИдерите на политичките групи и земјите-членки со обидуваат да дојдат блиску до договор. Мислам дека тоа пред се ќе се случи во некоја скришна соба. Во моментот кога тоа ќе се соопшти, договорот веќе бил, постигнат во таа соба“.
Comments are closed for this post.