Кина слави 70 години владеење на комунистичката партија и нејзиното издигнување до глобален статус на суперсила со воена парада која ја прикажува технологијата на земјата и ветување од претседателот Си Џипинг дека „ниту една сила не може да го разниша статусот на оваа голема нација“.
Претседателот Си Џинпинг, облечен во сива униформа слична на онаа што ја носеа кинеските лидери во времето на формирање на Републиката, ја следеше воената парада во која се вклучени 15.000 војници, повеќе од 160 авиони и 580 парчиња воена опрема.
Ниту една сила не може да ја разниша Кина ниту да го спречи кинескиот народ и нација да напредуваат, рече Си на Плоштадот на небесниот мир, каде Мао Це Тунг на денешен ден прогласи основање на Народна Република Кина во 1949 година.
Си потенцираше дека Кина и натаму ќе ја следи корисната стратегија на отворање, дополнувајќи дека војската одлучно ќе го штити кинескиот суверенитет, безбедност и развој, притоа силно поддржувајќи го мирот во светот.
Тој посочи дека Кина мора да одржи траен просперитет и стабилност во Хонг Конг и Макао, како и да промовира мирољубив однос со Тајван, но и „продолжување на стремежот за целосно обединување на татковината“.
По говорот, Си со автомобил ја поздрави колоната кинеска војска, долга повеќе километри.
Меѓу прикажаното оружје беше презентирана и суперсонична балистичка нуклеарна ракета, за која се верува дека може да го пробие американскиот противракетен штит. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон кинеската ракета „Донфенг 41“ веројатно има најголем дострел во светот, кој изнесува околу 15 илјади километри. Аналитичарите велат дека ДФ-41, кои летаат 25 пати побрзо од звукот, веројатно можат да дојдат до САД за 30 минути, носејќи до 10 боеви глави за одделни цели, што е технологија која се користи за независно таргетирање на повеќе мети истовремено.
На парадата не беа поканети странски државници, но на бината беа присутни амбасадорите на служба во Пекинг.
Предвидена е и парада на граѓани, студенти и етнички малцинства, кои ќе ги прослават кинеските достигнувања. Најавено е дека ќе бидат пуштени 70.000 гулаби, кои го симболизираат мирот, а вечерва во Пекинг ќе има спектакуларен огномет.
Comments are closed for this post.