Министерството за надворешни работи на Кина побара од САД да ги повлечат санкциите воведени за кинеската армија поради набавката на руски воени авиони и ракети земја – воздух.

Администарцијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ги воведе санкциите откако Кина неодамна од Русија купи 10 авиони Сухој 35 и ракети С-400.

На мета на санкциите се најдоа и кинеското Одделение за развој на опрема и директорот Ли Шангфу поради „значителни трансакции“ со рускиот државен извозник на оружје „Рособоронекспорт“.

Американската администрација на црната листа стави уште 33 кинески државјани и субјекти кои соработуваат со руската армија и разузнавачката служба.

Санкциите се воведени врз основа на актот усвоен во 2017 година во САД наречен „Акт на борбата против американските противници преку санкции“.