Огромно мнозинство од американската држава Калифорнија влегува во нова строга блокада. Во околу 85% од оваа држава на луѓето им е кажано да седат дома следните три недели, што значи дека оваа одредба ќе важи и за божиќните празници.

На многу компании им е забрането да работат, а на луѓето им е забрането и да се среќаваат со некого надвор од нивното домаќинство, пренесува Би-би-си.

Во САД во неделата беа пријавени рекорден број хоспитализации поради ковид-19.

Последните недели има нагло зголемување на бројот на новите случаи, но и смртни случаи. Порастот е поврзан со неодамнешниот Ден на благодарноста, што предизвика милиони Американци да патуваат за да го поминат со своите семејства.

Воведени се нови строги мерки во Калифорнија поради сè помалиот број места во единиците за интензивна нега, но и во болниците.

Ограничувањата стапија во сила на полноќ од недела до понеделник.

Гувернерот Гавин Њусом однапред објави дека карантинот ќе биде воведен во рок од 24 часа откако капацитетот на единиците за интензивна нега во кој било од петте региони во Калифорнија ќе падне под 15%.

Новиот карантин ќе биде многу сличен на пролетниот, кој беше воведен во март, но со неколку важни разлики: сите продавници за малопродажба ќе можат да останат отворени, но со само 20% од капацитетот, исто како и сите паркови и плажи. Јавните собири се забранети и од луѓето се бара да останат дома и да го минимизираат контактот со други домаќинства. Кафулињата, фризерите и рестораните без тераси се затворени.

Карантинот ќе трае најмалку три недели или додека капацитетот на единиците за интензивна нега не се врати над 15%.