Во тек е целосната истрага за катастрофата со модерниот авион на Аерофлот на московскиот аеродром Шеремтјево, кога во запалениот „сухој“ загинаа 41 лице. Анализите сега се насочени кон податоците во црните кутии кои треба да дадат одговор зошто новиот авион морал принудно да слета и зошто му требале два обиди тоа да го стори. Дали пилотите некаде погрешиле? Зошто „сухојот“ толку лошо слетал по што се запалил?

Додека се чекаат одговори од истрагата, сега се објавуваат информации за драматичната евакуација со прашања – дали можело да се спасат повеќе патници, особено од задниот дел на авионот кој целосно изгоре.

Руската станица 24 ТВ објави изјави на сведоци кои обвинуваат дека патниците од бизнис класата спречиле побрза евакуација. Скапоцени секунди биле загубени зашто дел од патниците од бизнис класата се евакуирале со својот рачен багаж, а земјаќи го него тоа значело смртна казна за патниците од економска класа.

Бидејќи задниот дел од авионот веќе горел и имало чад од кој луѓето се задушувале, блокирањето на итните излези за дел од патниците било фатално.