Преживеан од нигериска „куќа за мачење“, во која полицијата извршила рација, опишува дека таму „живеел во пекол“.„Ако се молиш, тие ќе те тепаат. Ако студираш, тие ќе те истепаат“, рече за Би-би-си 29-годишниот Иса Ибрахим.
Речиси 500 мажи и деца се спасени од зградата во градот Кадуни, која служела како исламско училиште и поправен дом. Полицијата информирала дека станува збор за место на човечко ропство, бидејќи многумина од заробените лица биле во окови.
Некои жртви биле мачени и сексуално злоупотребувани, објавија нигериските власти.
Репортерот на Би-би-си, Ишак Калид, кој ја посетил зградата во северна Нигерија, вели дека има страв дека слични злоупотребувања се случувале и во други вакви институции. Многу семејства во овој мнозинско муслимански дел од земјата не можат да си дозволат своите деца да ги испратат на училиште, а тие што тоа го можат честопати ги запишуваат во лоши регионални институции како оваа, објаснува Калид.
Во Центарот испратен да се „поправи во однесувањето“

Натписот на влезот во објектот го опишува како Центар за исламски учења на Ахмад бин Хамбал, но е користен и како место за превоспитување на младите мажи со проблеми во однесувањето.

Портпаролот на покраинската полиција на Кадуна, Јакуби Сабо, изјави дека откриениот „дехуманизиран третман“ не дозволува установата да се смета за исламско училиште, пренесуваат британските медиуми. Установата не била регистрирана како школо или поправен дом, иако на родителите им наплатувала надомест за „услугите“.

Во рацијата биле уапсени седум лица, вклучувајќи и дел од персоналот. Владата вели дека ќе ги истражи останатите институции што велат дека овозможуваат проучување на Куранот.  Имало бројни известувања за злоупотреба во куранските училишта низ северна Нигерија, според кои учениците биле присилувани со денови да питачат по улиците. Ибрахим вели дека пред две недели во центарот го испратило неговото семејство, очигледно за „да го поправи своето однесување“.

Бил оставен врзан да виси од таванот

Вели дека еден ден пред доаѓањето на полицијата се обидел да побегне. Опишал дека го врзале за стариот генератор и дека бил ставен на особено брутално казнување, познато како „Таркила“, при што рацете му биле врзани и бил оставен да виси од таванот.