Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека е „крајно време жена да биде на чело на Европската комисија”.

Тој вели дека мажите веќе ја искористиле „својата шанса”, со оглед на тоа дека од основањето на ЕК во 1958 година сите претседатели биле мажи.

Изјавата на Јункер е во контекст на медиумските известувања, според кои данската политичарка Маргрете Вестагер е во најтесниот избор за нова претседателка на ЕК.

Вестагер, која припаѓа на Сојузот на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), четврта група по големина во Европарламентот, исто така, се заложи за родова урамнотеженост.

Одамна требаше да има жена за шеф на Еврокомисијата на ЕУ, изјави еврокомесарката за конкуренција Вестагер.

Изборот на претседател на Европската комисија зависи од резултатите од изборот за Европарламент, кои ќе бидат одржани од 23 до 26 мај. Нов претседател на Комисијата ќе биде од групацијата која ќе добие најмногу гласови.