Британската премиерка Тереза Меј ќе допатува во Брисел в четврток за средба со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

На само педесет дена до крајниот рок за напуштање на Обединетото Кралство од ЕУ и во отсуство на договор за Брегзит, британската премиерка повторно ќе оствари средба со Јункер в четврток, потврди портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас.

Детали за содржината на нивните разговори не се соопштуваат, но двете страни интензивно се подготвуваат за Брегзит без договор откако британскиот Парламент го отфрли компромисот постигнат меѓу преговарачите во Лондон и Брисел.

Лондон не се согласува со решението за ирската граница, додека Брисел инсистира дека решението е привремено и оти е потребно да се постигне договор за идното трговско партнерство меѓу ЕУ и Обединетото Кралство пред да се најде крајно решение за ирската граница.

Јункер утре ќе се сретне со ирскиот премиер, Лео Варадкар, за „подготовки за Брегзит без договор”.