Израел вакцинираше повеќе од половина од населението со обете дози на вакцината против ковид-19, соопшти денес министерството за здравство.

Ова ѝ овозможи на земјата со 9,3 милиони жители да започне со укинување на мерките за ограничувања во борбата против ковид-19, така што животот во Израел полека се враќа во нормала.

Дистрибуцијата на вакцината Фајзер/Бајонтек започна во земјата во декември, а се вакцинираат граѓани постари од 16 години.

Вакцината се смета дека е целосно ефикасна една недела по втората доза.

Во соопштението, со кое е објавено новото големо достигнување што го следи постојаниот пад на бројот на новозаболени со коронавирус, министерот за здравство Јули Еделштајн ги повика сите граѓани да ги следат здравствените препораки за „коронавирусот да не се врати“.

Израел смета дека Палестинците во источен Ерусалим се дел од нивното население и обезбеди вакцини и за нив. Исто така вакцината им е понудена и на Палестинците кои работат во Израел и израелските населби во окупираниот Западен брег.

Палестинските власти започнаа кампања за вакцинација од ограничен опсег во Газа и на Западниот брег користејќи дози што им се дадени од Израел, Русија, Обединетите Арапски Емирати и глобалната програма за дистрибуција на вакцини Ковакс.