Израелската армија соопшти дека не може да ги прифати извештаите дека акциите на нејзините авиони биле причина за соборување на рускиот авион Иљушин 20 во Сирија. Израелците тврдат дека нејзините авиони не го користеле руското летало како штит и оти биле во израелскиот воздушен простор кога бил соборен Иљушинот од страна на сириската противвоздушна одбрана.
Безбедноста и здравјето на руските војници во Сирија се клучен елемент при секое одобрување на определена акција што е дадено од високите офицери во израелската армија – се наведува во соопштението на изралската војска.
Ваквата реакција на Израелците доаѓа откако Министерството за одбрана на Русија официјално го обвини Израел за соборување на рускиот воен авион над Сирија, истакнувајќи дека израелската армија е одговорна за „криминална немарност“.
Претставените точни податоци укажуваат дека акциите на израелските борбени пилоти доведоа до загуба на животите на 15 руски војници. Тоа беше акција полна со недостиг на професионализам и беше акт на криминална немарност. Затоа веруваме дека вината за трагедијата на рускиот Иљушин 20 паѓа исклучително врз израелските воздухопловни сили и врз тие кои донеле одлука да изведат таква акција – изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал мајот Игор Конашенков.
Тој додаде и дека израелската армија „или не го почитува нивото на односи со Русија или нема контрола над индивидуалните команди или командни офицери“.
Инцидентот се случи во понеделникот вечерта кога сириската противвоздушна одбрана по грешка го погоди рускиот авион Иљушин 20, при што загинаа 15 руски војници. Тоа се случи по нападот на израелската воена авијација во близина на градот Латакија.
Израел за инцидентот ја обвини сириската безобѕирност, но Амбасадата на Русија во Тел Авив на Твитер објави дека акциите на израелската воена авијација биле „неодговорни и непријателски“ и го изложиле рускиот авион на опасност.
Претходно, руското Министерство за одбрана наведе и дека израелските авиони го користеле рускиот авион како штит.
Израелската армија тврди дека ја известила руската војска во согласност со Договорот за избегнување на ненамерни судири меѓу двете земји.
Во четвртокот израелска воена делегација допатува во Москва во обид да ги намали тензиите поради соборување на авионот.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот изјави дека до соборувањето на авионот довеле „низа трагични случајни околности“, што во Израел беше оценето како ублажување на почетните оценки на Министерството за одбрана.
Comments are closed for this post.