Италијанскиот премиер, Марио Драги, најави ублажување на ограничувањата, што наиде на нескриени симпатии кај Италијанците, додека  претседателот на фармацевстката компанија „Фајзер, Алберт Бурл, е оптимист дека од есен луѓето ќе се вратат кон нормалниот живот.

Додека Италијанците со нетрпение очекуваат наскоро да излезат од блокада, првиот човек на фармацевтскиот гигант „Фајзер” е оптимист дека благодарение на вакцините од претстојнава есен ќе се вратиме во животите што ги живеевме пред пандемијата.

Премиерот Марио Драги во петокот соопшти дека од 26 април ќе дојде до значително олеснување на ограничувањата во земјата. Новата политика на владата медиумите ја нарекоа „повторното отворање на Италија”.

Драги ги воодушеви Италијанците со пораката дека повторно ќе се воведе жолта зона за регионите каде епидемиолошката состојба е најмалку лоша. Ова значи дека во делови од земјата ќе има отворени училишта за ученици од сите одделенија, дека граѓаните ќе можат слободно да се движат меѓу регионите, рестораните и баровите ќе ги служат гостите на отворено, ќе се отворат кината, театрите и музеите, ќе можат да се играат спортови на отворено….

„Владата ги донесе одлуките за олеснување на мерките врз основа на податоците дека епидемиолошката состојба се подобрува, иако не драматично. Презедовме значителен ризик и затоа апелираме до граѓаните и институциите да ги почитуваат мерките за заштита”, рече Драги, пренесува „Република”.

Италијанците веќе почувствуваа здив на слобода минатата недела откако повеќето региони се префрлија од црвена во портокалова зона каде ограничувањата се нешто поблаги. Овој месец, според владиниот декрет, никој не може да биде во жолтата зона.

Повеќето Италијанци, уморни од различните ограничувања што траат веќе 14 месеци, со воодушевување ја поздравија веста за отворање на земјата, но укинувањето на блокадата сè уште не е одобрено од сите.

Во петокот, исто така, можевме да ги прочитаме и оптимистичките прогнози на претседателот на Фајзер, Алберт Бурл, кој во интервју за „Кориере дела сера” кажа дека сите проблеми со испораката на вакцини ќе бидат решени за неколку месеци.

„Верувам дека оваа есен ќе се вратиме во нормален живот. Во иднина, Ковид-19 ќе биде како грип”, изјави првиот човек на една од најголемите фармацевтски компании во светот.

Бурл соопшти дека „Фајзер” овој квартал за четири  пати ќе ја зголеми испораката на вакцини во земјите на Европската унија: Откако од јануари до март достави 62 милиони дози, до крајот на јуни тој ветува бројка од 250 милиони испорачани вакцини.

„За 2022 и 2023 година се подготвуваме да ги зголемиме испораките во Европа за неколку стотици милиони дози. Нашата производна мрежа ќе може да произведува повеќе од три милијарди дози годишно следната година”, рече тој.