Доналд Трамп го даде своето прво телевизиско интервју пред камера откако му беше дијагностициран коронавирус на 1 октомври.

Трамп се појави синоќа на телевизијата Фокс њуз, каде што рече дека се чувствува многу добро. Во разговор со докторот Марк Сигел, тој рече дека е повторно тестиран и дека смета дека е или негативен или „скоро негативен“. Тој додаде дека не знае кога му е следниот тест.

На прашањето како се чувствувал во болницата, тој рече дека бил уморен и дека ја немал енергијата што обично ја има. Тој исто така рече дека сметал дека можел и порано да ја напушти болницата по земањето на лекот.

-Тие сакаа да ме остават на набљудување, но јас сакав да заминам по првиот ден, рече Трамп.

Трамп ги пофали болницата и лекарите што се грижеа за него и додаде дека сметал дека е важно рано да открие дека е заразен.

На прашањето дали има идеја како се заразил со коронавирусот, Трамп рече:

-Не знам. Имавме неколку големи настани во Белата куќа и можеби таму, рече тој, додавајќи дека не може да биде сигурен.

-Тоа е единствената работа што ќе ја научите. Ова е многу заразна болест, рече Трамп.