Лидерите на Европската Унија на состанок на 21 јануари може да ги разгледаат барањата за воведување европски сертификат за вакцинација ткн. „ковид пасош“, речено е во Европската комисија.
Во Европската комисија велат дека денеска добиле писмо од премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, со кое меѓудругото се бара и воведување сертификат за вакцинација со кој би се олесниле патувањата внатре во ЕУ.
Прашањата од ова писмо, вклучително и напредокот на вакцинацијата ширум ЕУ, ќе бидат тема на разговор на ЕУ лидерите кои по пат на видео-врска ќе се состанат на 21 јануари.
Во зависност од исходот на овој состанок ќе одговориме на писмото на премиерот Мицотакис, вели портпаролот на Комисијата, Стефан де Керсмакер.
Во Брисел додаваат дека се уште не стигнале до фазата кога би можеле да дадат свој став по прашањето на ткн. корона-пасош, кој се почесто се спомнува во европската јавност.
Во моментот имаме многу прашања во контекст на пандемијата со кои се занимаваме, почнувајќи од стратегијата на вакцинирање до тоа што ќе правиме кога граѓаните ќе се вакцинираат. Сето тоа ќе биде дел од разговорите и со земјите членки, велат од Комисијата.
Грците се подготвуваат за ковид-пасош? Добродојдени сте ако сте вакцинирани
Во писмото упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, Киријакос Мицотакис повикува на приоритетно обновување на слободата на движење ширум ЕУ, но и предупредува на значењето на итното усогласување на ставовите на земјите членки за сертификат на вакцинација, со кој би се помогнало во обновувањето на патувањата и туризмот, но и би се зајакнал интересот за вакцинација ширум Европа.
Comments are closed for this post.