Парадата за Денот на победата заврши на централниот плоштад во Москва со што Руската Федерација ја одбележа 74-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Големата татковинска војна, во која Русите дадоа огромни човечки и материјални жртви траеше од 1941-1945 година.

Повеќе од 13.000 армиски припадници како и 132 различни воени орудија и 74 воздухоплови од сите видови и родови на Руската армија беа претставени на парадата која почна традиционално со камбаните на часовникот на Кремљ и татнежот на историските тенкови Т-34, симболот на руската борба.

Оваа година за прв пат жените маршираа со почесната гарда.

Стотици настани за одбележување на Денот на победата се одржуваат денес низ цела Русија.

На парадата на Црвениот плоштад и овој пат беше покажано ново оружје, но и луксузната лимузина од руско производство во која се возеше командантот на руските вооружени сили и министер за одбрана, Сергеј Шојгу. Исто така беше прикажан и новиот „калашников“, АК-12 кој од лани почна масовно да се произведува.