Градоначалникот на Рио де Женеиро, Едуардо Паеш изјави дека повторно е заразен со коронавирусот, речиси една година по првата инфекција.

– За жал, позитивен сум, истакна Паеш на видео снимката објавена на Твитер, додавајќи дека има симптоми слични на грип.

Тој нагласи дека е во својот дом и ги повика Бразилците да се чуваат.

Паеш првпат бил заразен со Ковид-19 во мај 2020 година и тогаш немал симптоми на болеста.

Градоначалникот (51) се уште не примил вакцина против коронавирусот бидејќи не се наоѓа во приоритетна група. Моментно вакцината ја примаат лицата на 60-годишна возраст.

Во бразилската сојузна држава Рио де Женеиро со 17 милиони жители, од Ковид-19 починале околу 40.000 луѓе, а во изминатите 24 часа се потврдени 300 смртни случаи.