Во таканареениот „процес на векот“, судот во Олденбург го прогласи Нилс Хегел за виновен за убиство на 85 луѓе, јави Дојче веле. Поранешниот негувател, Хегел, е ослободен од обвинение за убиство за 15 други случаи. Во пресудата за Хегел, кој веќе 10 години е во затвор, тој е осуден на доживотна затворска казна, без можност за помилување.

Во периодот од 2000 до 2005 година Нилс Хегел во болниците во Олденбург и Делменхорст во Долна Саксонија на пациентите им вбризгувал лекови во животозагрозувачки дози, откако ќе откажел кардиоваскуларниот систем, тој ги реанимирал. Поради тоа бил славен како херој. Сепак, многу често маневрите за спасување завршувале со смртен исход. Млади и неискусни лекари биле радосни кога тој помагал. Колегите го нарекувале „Рамбо спасителот“.

Благодарение на еден друг болничар, серискиот убиец беше фатен во јуни 2005 година во моментот кога ја манипулирал пумпата со шприц на еден пациент. Понатамошната истрага и обдукции на починати пациенти го открија вистинскиот обем на неговите дела.

Во четвртиот процес, кој почна на крајот од октомври 2018 година во покраинскиот суд во Олденбург, и кој дел од медиумите го доби епитетот „Процес на столетието”, јавното обвинителство го товареше  за 97 убиства. Телата на многу други жртви не може да бидат истражени, бидејќи се кремирани. Хегел призна 43 дела, а како што изјави – на другите или не сака, или не може да се сети.

Хегел минатата среда доби завршен збор. Тој им се извини на сите на кои им нанел болка и невидена тага.

Кога им го одземав животот на луѓето, на роднините сум им го одземал она највредното“  – изјави Хегел.