Германија за уште еден месец ќе ги продолжи ограничувањата и воведува некои построги мерки за време на петте дена од Велигденските празници, во обид да се запре ширењето на коронавирусот, соопшти утринава канцеларката Ангела Меркел.

Во изјавата по маратонскиот видео-разговор со 16-те гувернери на германските покраини,Меркел кажа дека ограничувањата што беа воведени до 28 март, ќе останат на сила до 18 април.

Така да кажеме , ние имаме нова пандемија. Имаме суштински нов вирус, се разбира од ист тип, но со сосема различни карактеристики, многу посмртоносен, многу поинфективен и заразен на подолг период, рече Меркел.

Повеќето продавници, додаде германската канцеларка, ќе бидат затворени, а верските служби ќе бидат откажани за Велигденскиот викенд, од 1 до 5 април, во рамките на засилените ограничувања воведени за да се запре ширењето на инфекцијата со Ковид-19.

Собирите, како и рестораните на отворено, ќе бидат забранети од 1 до 5 април, а само продавниците за храна можат да бидат отворени на 3 април.

Покрај тоа, голем број ограничувања што се во сила од крајот на 2020 година, како што се ограничувањето на приватните собири, затворањето на културни простории и забавни простории, се продолжени до 18 април.

Ситуацијата е сериозна, бројот на случаи експоненцијално расте и креветите на интензивна нега се полнат, рече канцеларката на прес-конференцијата по 12-часовните разговори со гувернерите.

Таа додаде дека станува збор за „експоненцијален раст на епидемијата“ предизвикан од британскиот вид на вирусот.

Повторно е активирана мерката за итно сопирање на активностите, што според договорот се воведува кога бројот на случаи на инфекција надминува 100 на 100.000 жители во текот на седум дена. Стапката на инфекција во Германија во моментов надмина 107,3 ​​случаи на 100.000 жители, со нови 7.700 случаи и 50 смртни случаи.

Нема да се воведе полициски час и нема да се затвораат училишта. Училишните часови веќе се прекинати од декември до февруари и многу ученици се уште не се вратиле на настава или на училиште доаѓаат секој втор ден.

Гувернерите и канцеларката, исто така, зборуваа и за зајакнување на бавно движечката кампања за вакцинација.

Ние сме во трка вакцинацијата да ја спроведеме што е можно побрзо, рече канцеларката.

Плашејќи се од зголемувањето на бројот на патувања во странство за време на празниците, властите воведоа и задолжителна обврска за тестирање на Ковид-19 за патниците на авиокомпаниите пред да патуваат во Германија.

Меркел рече дека ситуацијата ќе биде подобра кога ќе се вакцинираат повеќе луѓе.

Во Германија, до овој момент со првата доза вакцинирани се само околу девет проценти од населението, а четири проценти ги примиле двете дози.

Меркел додаде дека дека ги поддржува напорите на Европската комисија да се блокира испораката на вакцини и компоненти за вакцини од ЕУ со цел да се обезбеди исполнување на претходно договорената достава до Унијата, наведувајќи ги проблемите со снабдувањето со вакцините на „АстраЗенека“.