Лидерите на ЕУ на синоќешниот вонреден Самит во Брисел постигнаа договор за одлагање на британското истапување од Унијата до 31 октомври, со дополнително разгледување на ваквата одлука на средбата на врвот во јуни, објави на Твитер претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Тој информира дека и британската премиерка Тереза Меј се согласила со одлуката за одлагање на Брегзит за шест месеци.

Земјите членки на ЕУ се согласија на флексибилно одлагање до 31 октомври. Тоа значи дека Обединетото Кралство добива дополнителни шест месеци за да најде најдобро возможно решение (за Брегзит), додаде Туск во објавата, потенцирајќи дека до пролонгираниот рок Лондон ќе може да осмисли своја стратегија за напуштање на Унијата.