Турција снимките поврзани со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги им ги даде на Саудиска Арабија, САД, Германија, Франција и Британија, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Им ги предадовме снимките. Испратени се до Саудиска Арабија, САД, Германија, Франција и Британија, тие ги слушнаа сите разговори, знаат”, рече Ердоган.

Тој побара од Ријад да го идентификува убиецот во 15-члениот тим кој пристигна во Турција неколку дена пред убиството на Кашоги.

„Саудиската влада може да го открие тоа со тоа што ќе ги натера петнаесете обвинети да зборуваат”, рече Ердоган.

Турскиот дневен весник „Даили Сабах” претходно објави дека убијците на саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги неговото тело го растоплиле во киселина, а потоа го фрлиле во канализација.