Мината недела во Либија се обновија судирите кога Либиската национална армија предводена од Калиф Хафтар, од истокот тргна во освојување на западот на земјата и главниот град Триполи, каде што контролата ја има меѓународно признатата влада, предводена од премиерот Фајез ал Сарај.
Одлуката да се отпочне „марш кон Триполи“, командантот Хафтар во својата заповед кон војската ја издаде додека во Триполи се наоѓаше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутреш и непосредно пред закажаната мировна конференција под покровителство на Обединетите нации.
Калифа Хафтар е роден во 1943 година во Ајдабија, град на истокот од земјата, а се школувал на Воената академија од 1964 до 1966 година. По ова, тој заминал на специјална воена обука во тогашниот Советски Сојуз и во Египет. Во 1969 бил дел од групата од околу 70 воени официри кои извршиле државен удар и го симнале кралот Идриз, ставајќи крај на монархијата. На чело на пучистите бил полковникот Муамер Гадафи. Хафтар, кој учествувал во либискиот контингент во израелско – арапската војна во 1973. е унапреден во полковник во 1980 година.
Верниот генерал од кого Гадафи се одрече бидејќи бил заробен во Чад
Војната помеѓу Либија и Чад довела до меѓусебен личен судир меѓу двајцата полковници, што траел се до смртта на Гадафи. Либиската војска во почетокот имала успех во оваа војна, благодарение на поделените фракции во Чад, но и поради подоброто вооружување, но во 1987 година, по обедувањето на силите во Чад и поддршката од страна на Франција и САД, доживеала жесток пораз. Хафтар по овој судир е заробен заедно со стотици негови војници. Гадафи тогаш во бес се одрекол од полковникот.
Наместо од Либија, Хафтар и неговите војници биле спасени од американската ЦИА и биле извлечени од Заир (денешен Конго). Хафтар прво го основал Националниот фронт за спас на Либија и од Заир се обидел да организира пуч против Гадафи, но бидејќи заирската влада ги протерала, ЦИА на Хафтар и на неговите војници им испреговарала добивање азил во САД.
Од соработник на ЦИА до руски партнер во Либија
Хафтар го предводел неуспешното востание против Гадафи во 1996, по што се вратил во САД, каде што до 2011 година живеел во Вирџинија, соработувајќи и понатаму со ЦИА и обидувајќи се да организира рушење на Гадафи. Од таму не е чудно што во 2011 година, откако во склоп на Арапската пролет изби револуција, заминал во Либија и се придружил на бунтовниците. Брзо бил поставен за заповедник на копнените сили и станал трет главен човек на бунтовничкиот сојуз.
Две и пол години по смртта на Гадафи во октомври 2011 година, генералот Хафтар одново прави пресврт во својата долга и живописна кариера. Во 2014 во живо и се обраќа на нацијата и прогласува распуштање на Генералниот национален конгрес, кој е формиран по првите парламентарни избори во 2012 како уставотворно собрание со мандат од две години, а еднострано го продолжи својот мандат.
Хафтар во 2017 наводно, Русија започнала да го снабдува со оружје и тоа откако на два пати се состанал со Русите. Прв пат во Москва, а потоа и на палубата на рускиот носач на авиони Адмирал Кузњецов кој впловил покрај брегот на Либија.
Има 75 години, минатата година наводно доживеал мозочен удар, но сака да владее со Либија?
Интересно е и дека минатата година француските медиуми известија дека Хафтар преживеал тежок мозочен удар и дека е префрлен на лекување во Париз. Но Либиската национална армија ги демантираше како „лажни вести“, тврдејќи дека нивниот заповедник е здрав.
Comments are closed for this post.