Состанокот на групата Билдерберг годинава се одржа од 30 мај до 2 јуни во Монтре, Швајцарија, а главна тема беа иднината на Европа, климатските промени, Русија и Кина.
Еден од учесниците на состанокот беше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој од Монтре дојде во посета на Албанија и на Македонија. Бидејќи се смета оти полутајната група Билдерберг е светска влада во сенка, интересно е да се знае со каква порака дојде Столтенберг во Скопје. Ова и од причини што Билдеберг иако официјално на својата веб страница ги објавува состаноците и агендата, сепак многу нешта се случуваат зад затворени врати, па затоа не би чудело доколку Столтенберг во Скопје донел и специјална порака.
Годинава во Монтре дојдоа околу 130 учесници од 23 земји, а меѓу нив кралеви, државници, претставници на ај-ти секторот, банкари, и по некој избран медиум. Меѓу нив и една од легендите на светската надворешна политика, но и на Билдерберг, некогашниот стратег на американската надворешна политика и поранешен државен секретар Хенри Кисинџер, кој иако има 96 години, сепак уште се смета за важен. Со него беше и актуелниот државен секретар Мајк Помпео.
Според официјалната агенда објавен на веб страницата, групата Билдерберг во Монтре разговарала за: стабилен стратегиски поредок, што следно за Европа?, климатските промени, Кина, Русија, иднината на капитализмот, Брегзит, етиката на вештачката интелигенција, наоружувањето на социјалните медиуми, важноста на вселената и кибернетските закани.
Од ова не може да се добие ништо повеќе, а треба да се има предвид дека Билдерберг работи според правилата на Четам хаус, односно не се кажува кој што официјално рекол, значи нема извор на информација, а во принцип и многу малку се кажува.
Може да се заклучи дека во фокусот е трансатлантското партнерство во пресрет на новите предизвици, а тоа се секако новата реалност во ЕУ без Велика Британија, како и заканите од секаков вид кои доаѓаат од Кина и од Русија. И веројатно тука некаде се наоѓа и малата ролја за Македонија во големата светска игра.
Comments are closed for this post.