Доколку САД се повлечат од Договорот за ликвидација на ракетите со среден и краток дострел (ИНФ), цел на руските проектили ќе бидат земјите во кои се распоредени американски ракетни системи, изјави началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Русија, генерал Валери Герасимов.
Сакам да испратам порака дека ако биде прекршен ИНФ, нема да останеме без одговор. Како воени професионалци треба да знаете дека цел на руската одмазда нема да бидат САД, туку земјите во кои се наоѓаат американските ракетни системи со ракети со среден и краток дострел, изјави Герасимов на средба со странските воени аташеа во Москва.
Според Герасимов, повлекувањето на САД од ИНФ би имало негативно влијание врз европската безбедност и врз глобалната стартешка стабилност.
Тој нагласи дека САД ја обвинува Русија за кршење на ИНФ, но дека тие обвинувања претставуваат само обид „да се замаскира вистинската состојба“.
Вистинската состојба е дека Русија од 2000 година го повикува Вашингтон да прекине со праксата на користење ракетни цели, односно симулација на балистички ракети со среден и краток дострел при тестирањата на антибалистичките ракетни системи, што е забрането со договорот, додаде Герасимов.
Американските ракетни системни МК-41, што се стационирани во Романија и Полска, можат да лансираат ракети со среден и краток дострел, што, според Москва, претсавува „директно кршење“ на ИНФ.
Comments are closed for this post.