Најголемиот ферибот на Велика Британија, што преку Ламанш плови на линијата Довер-Кале, ќе плови под кипарско знаме. Промената е заради Брегзит.

Заради очекуваните непосакувани последици за бизнисот по излегувањето на Велика Британија од Европската унија, два од фериботите што пловат преку Ламанш-„Духот на Британија“ и „Духот на Франција“, а се во сопственост на британска компанија веќе се пререгистрирале и ќе го користат кипарското знаме. На тој начин, по Брегзит, тие ќе ги сочуваат даночните обврски на ЕУ.

Кипарската флота е на третото место во Европа, веднаш зад грчката и малтешката, а според регистарот, располага со 1.725 океански бродови со носивост од над 24 милиони тони. Бродската индустрија на државата и носи над 7% од БДП.