Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро издаде наредба до припадниците на армиските сили да помогнат во гасењето на големите пожари во Амазонската прашума. Во одлуката на Болонаро се наведува дека војниците ќе бидат распоредени во природните резервати, на територијата што им припаѓа на домородните староседелци и во пограничните подрачја во зафатениот регион.

Ваквата одлука е донесена по силниот притисок од европските лидери, кој Болсонаро го критикуваше со став дека пожарите не може да се користат како изговор за санкции.

Франција и Ирска се заканија дека ќе ја блокираат спогодбата за слободна трговија меѓу ЕУ и земјите од Меркосур (Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај) доколку Бразил не ја заштити Амазонската шума, во која во моментов беснеат пожари.

Од канцеларијата на францускиот претседател, Емануел Макрон, го обвинија Болсонаро дека лажел кога на самитот на Г20 во јуни ја ублажувал загриженоста поради климатските промени. Макрон изјави и дека рекордниот број пожари во Амазонија претставуваат меѓународна криза којашто треба да биде на врвот на дневниот ред на самитот Г7 што се одржува овој викенд во Франција.

Гори нашиот дом. Буквално. Шумите во Амазонија, големите бели дробови што произведуваат 20 проценти од кислородот на нашата планета – горат. Ова е меѓународна криза – напиша Макрон на Твитер.


Со свој став се огласија и од кабинетот на британскиот премиер, Борис Џонсон, од каде изјавија дека тој е длабоко загрижен поради пожарите и дека ќе го искористи самитот Г7 за да стави фокус на заштитата на природата.

Пожарите, коишто годинава достигнаа рекордна бројка, уништија широки појаси од шумите за коишто се смета дека се витален бедем против глобалното затоплување.

Се верува дека голем број од пожарите се намерно предизвикани, а сомнежите паѓаат врз фармерите коишто подметнуваат пожари заради создавање пасиште. Болсонаро даде поддршка за чистење на делови од Амазонија во земјоделски цели, што беше остро критикувано од стручњаци и активисти коишто обвинија дека со тоа бразилската влада дала зелено светло за уништување на Амазонската прашума.