На вчерашниот двочасовен разговор со министрите за надворешни работи на ЕУ, американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, искажал посебна заинтересираност за Западен Балкан. Според три дипломатски извори на „Политико“ Блинкен им кажал на европските колеги дека САД се подготвени да работат на стабилизирање на Западен Балкан.

Оваа негова заложба искажана на првиот официјален состанко со европските партнери покажува дека регионов ќе биде многу повеќе во американскиот фокус отколку за време на претходната администрација. Еден од дипломатите изјавил дека „сега кога САД се вратија ние треба да изградиме линија на ЕУ и тоа брзо“.

Во официјално соопштение на Стејт департментот само се наведува дека Блинкен и европските министри разговарале за тесната соработка на ЕУ и САД за решавање на глобалните предизвици врз основа на споделени вредности како што се демократијата, човековите права и мултилатерализмот. Потоа, за заеднички одговор на глобалните прашања, вклучувајќи ги Ковид-19, Иран, Кина и климатските промени, а Блинкен ја поздравил одлуката на ЕУ да воведе санкции против Русија околу Алексеј Навални и неговите приврзаници.