Најмалку 32 загинати, а 50 ранети од почетокот на офанзивата на либијскиот командант Калиф Хафтар на главниот град на Либија, стои во билансот кој синоќа го објави министерството за здравство на меѓународно признатата влада со седиште во Триполи.

Меѓу загинатите има и неколку цивили, но не е прецизиран нивниот број“, изјави Ахмид Омар, министер за здравство.

Од друга страна, Либијската национална војска на командантот Хафтар во саботата јави дека на нивна страна имаат 14 жртви.

Бунтовничките сили на чело со командантот Калиф Хафтар, кои го контролираа источниот дел на Либија, во четвртокот отпочнаа офанзива со намера да го освојат Триполи.

Претседателот на меѓународно признатата влада со седиште во Триполи Фајез Ал-Сараџ го обвини Хафтар за обид за државен удар и предупреди дека на бунтовниците ќе им биде одговорено со силен отпор.

Жестоки борби се водат јужно од Триполи, посебно во Вади Рабиј, околу меѓународниот аеродром, објект кој не се користи од кога е уништен во борбите во 2014 година.

Силите на командатот Хафтар вчера објавија дека го спровеле првиот воздушен напад на јужно предградие на Триполи додека силите верни на владата во Триполи го извршиле својот прв воздушен удар во претходните денови.

Генерал Калиф Хафтар

Вашингтон повика веднаш да се прекине офанзивата на Хафтар.

Меѓутоа големите сили не успеаја да се договорат во ОН околу заедничките ставови во однос на либијската криза. Мисијата на ОН во Либија издаде итен апел за обострано примирје во неделата како би се овозможила евакуација на ранети цивили заради воената екалација, меѓутоа, до примирјето не дојде.

Либија е погодена со насилство и политичка нестабилност од 2011 година кога беше симнат од власт и убиен Муамер Гадафи. Во земјата владеат две влади, една меѓународно призната, таа е во Триполи, а другата, во Бенгази, ја предводи командантот на самопрогласената либијска национална војска, генерал Калиф Хафтар.