Жените во Белгија, првпат во историјата, одлучија да го одбележат осми март со штрајк. Иницијативата, организирана од синдикати и здруженија, имаше за цел да ја покаже улогата и важноста на женскиот труд во економијата и општеството. Организаторите ги повикаа жените да не одат на работа, но и да не купуваат ништо, како и да не одат на училиште или на факултет.
Штрајкот е инспириран од оној во Шпанија минатата година, каде што имаше огромен одѕив.
Се одлучивме за штрајк затоа што е силен сигнал кога се прекинува со работа, овозможува да се види каде сѐ жените се потребни – изјави Рут Палуку-Атока од Колективот Осми март, организатор на штрајкот.
Иако сѐ уште не се достапни информациите за импактот на овој штрајк врз економијата, властите предупредија дека се предвидени проблеми во повеќе општински служби, музеи или болници.
И во Белгија и на меѓународно ниво, констатираме дека сериозно се сфаќа осми март, има уште многу работа, посебно во борбата против секаков вид насилство, против обичниот сексизам и добронамерните патернализам, и мнозинството од населението не е доволно сензибилизирано за дискриминациите со кои се соочуваат жените, многумина не сфаќаат колку е страшно кога фемицид се нарекува „семејна драма“, убивањето жена е фемицид, не е драма – објасни Тања Ван Хемелрајк од Католичкиот Универзитет во Лувен.
Белгијките протестираа и за феноменот на „невидливиот ментален товар“. Како што истакнуваат, тој феномен подразбира дек жените, освен за работата мора да се грижат и за секојдневните обврски и нивната организација, како што се грижата за децата, готвењето и пазарењето, коишто создаваат психолошки товар кај нив.
Штрајкот овозможува симболично да се подигне свеста за сѐ она што го прават жените, а подигањето на свеста недостига некогаш и кај самите жени – вели професорката Ван Хемелрајк.
Во текот на целиот ден во Брисел се организираа разни активности за зголемување на јавната свест за голем број теми како климатските промени, расизмот, работните односи, додека, пак, на универзитетите и во приватните компании се организираа повеќе протестни активности.
Comments are closed for this post.