Австриски пошти собирале и продавале лични податоци, како и информации за политичката определба на нд 5 милиони свои клиенти, тврди сајтот „Addendum“, кој се занимава со истражувачко новинарство.

Според него, Австриски пошти на маркетинг агенции им продале имиња, адреси, возраст и пол на 3 милиони свои клиенти, како и претпоставки за политичките определби на други 2,2 милиони корисници. Тие биле направени врз основа на нивните преписки. Податоците се продадени на политички партии за да можат подобро да ги насочат нивните пораки за време на предизборните кампањи, тврди сајтот Addendum.

Организацијата „Epicenter Works“, која работи на заштитата на личните податоци, смета дека активностите на Австриски пошти се во расчекор со правилата на ЕУ.

Скандалозно е што Австриските пошти собирале и продавале претпоставки за политичките определби на своите клиенти без нивно знаење и одобрување, категоричен е Волф Кристл, кој работи за организацијата.

Австриските пошти, меѓутоа, не гледаат проблем и инсистираат на тоа дека користењето на податоците на клиентите на овој начин е дозволено со локалното законодавство.

Одредени податоци се собираат и дозволено е да се користат само за маркетиншки цели. Користењето на таква информација е строго ограничено единствено за такви цели, се вели во соопштението на Австриски пошти.

Компанијата е регистрирана на Виенската фондовска берза, но најголемиот пакет акции е во сопственост на државата.