Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџи, побара монетите, што туристите ги фрлаат во популарната „Фонтана ди Треви“, да одат за реконструкција на инфраструктурата во градот. Тоа ја изненади катиличката црква, зашто монетите, што се собираат од историската знаменитост, традиционално и се даваат на нејзината добротворна организција „Каритас“, јавува Би-Би-Си.

Според британскиот медиум, станува збор за околу 1,5 милиони евра годишно.

Весникот „Авенире“, што го издава здружението на италијанските епископи, остро ги критикуваше градските власти, обвинувајќи ги дека сакаат да им ги земат парите на сиромашните. Предвидено е примената на одлуката на градскиот совет да стапи во сила во април, но голем број Италијанци бараат таа да биде одново разгледана.

Раџи стана градоначалник во 2016 година како кандидат на популистичкото лево движење „Пет ѕвезди“.