Ангела Меркел денес го слави својот 65. Роденден, но и покрај шпекулациите за нејзиното здравје таа уверува дека ќе остане на функцијата канцелар на Германија до крајот на мандатот во 2021 година.

Светските медиуми денес и посветуваат внимание на Меркел и нејзиниот 65. Роденден и секој со свој поглед на нештата. На пример Би-би-си текстот го пласира со наслов „Една силна жена која заради тресењет ја загрижи нацијата“. Можеби се не е кажано, но многу секако.

Ангела Меркел, Енџи, е политички лидер со додавката неприкосновен, таа е синоним за стабилен и силен политичар кој тежнее кон компромиси, таа е личност на годината во магазинот „Тајм“, избрана неколку пати за најмоќен светски лидер. Но, Меркел е и поп икона, инспирација за уметниците, за карикатуристи, за фотографи.

Во последните месец-два во фокусот е заради своето нагласано тресење, заради што Германија го смени протоколот, па за прв пат таа и нејзините гости за веме на интонирањето на химните седи на столче.

Британскиот печат, пак, се фаќа за нејзината возраст, па ќе констатира – „таа има 65 години, но далеку е од тоа да биде еден од најстарите светски лидери. На функцијата канцелар дојде во 2005 година. Британски „Експрес“ потсетува дека Тереза Меј е три години помлада, односно има 62 години, а Борис Џонсон 55. Најстар е лидерот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин кој има полни 70 години, а Доналд Трамп 73.

Но, како што потсетува „Експрес“, тој не е најстариот претседател во историјата на САД, притоа потсетувајќи дека Роналд Реган кога бил на таа функција имал 77.

Кои се најстарите државници? Во моментов најстар е премиерот на Малезија, Махатхир Мохамад кој има 94 години, а функцијата ја презеде лани. Потоа следува британската кралица Елизабета Втора која има 93 години, а претседателот на Тунис Беџи Каид Есеби – 92 години.

Драга Ангела, и рече Путин

Инаку, до Меркел денес е испратена роденденска честитка и од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Роденденот и го честитал телефонски.

„Драга Ангела, Германија, Европа и целиот свет го ценат вашето лидерство и долгогодишната работа како федерална канцеларка“, и рекол Путин.