Американската воена супериорност еродирала сериозно во последните децении. Ова е заклучокот во последниот извештај на Комисијата за националната одбранбена стратегија, двопартиско тело задолжено од Конгресот да ја проценува способноста на американската одбрана.

Комисијата наведува дека ерозијата е „на толку опасно ниво“ што „американската способност да ги брани своите сојузници, своите партнери и своите витални интереси се повеќе се доведува под прашање“.

„Доколку нацијата не дејствува соодветно да ги поправи овие состојби, последиците ќе бидат жестоки и долготрајни“, се наведува во извештајот.

Во него се додава дека токму поради американската супериорност во минатото, САД ги одвраќаа или ги поразуваа агресорите и ја чуваа безбедноста во клучни региони во светот, обезбедувајќи ги слободите ширум светот. Таа слобода беше платена со стотици илјади загубени американски животи, стои во извештајот.

Како една од причините зошто американската воена острица отапува, се наведуваат буџетските намалувања со што е запрена неопходната модернизација што придонело нејзино ослабување и намалување на воената подготвеност.

Извештајот посебно за задржува на заканите од „авторитарните конкуренти“ како Кина и Русија, кои сакаат да станат регионални лидери во разни делови на светот, со крајна цел да станат глобални сили.

Во продолжение се спомнува „опасноста од транснационалните организации, особено радикалните џихадистички групи“ и се истакнува дека тие закани „се развивале во нови форми и се интензивирале“.

Притоа се наведува оти тоа го потврдуваат случувањата на Блискиот Исток – руското сојузништво со Иран и ширењето на радикалната џихадистичка група Хезболах во Сирија и во Либан покажуваат дека американската моќ во таа насока се намалува.

Пораката која се испраќа во извештајот е дека со моменталната состојба американската сигурност, богатството и животите на Американците се ставени под сериозна закана.