Актерот и мајстор на источните боречки вештини Џеки Чен изјави дека е многу вознемирен заради масовните немири во неговиот роден град Хонг Конг. Кинескиот актер во интервју за државната телевизија „CCTV“ рече дека е „вознемирувачки и загрижувачки за многумина“ да бидат сведоци на насилство што ја зафати поранешната британска колонија.

Чен рече дека веднаш се приклучил на кампањата на социјалните мрежи што ја започна државната телевизија „CCTV“, откако група демонстранти го симнаа кинеското знаме кое се вееше над пристаништето Викторија и го фрлија во морето. Инцидентот се случи на почетокот на август, а демонстрантите знамето го заменија со транспарент „независност на Хонг Конг“.

Инцидентот предизвика бес во Кина и го натера поранешниот извршен директор на Хонг Конг да понуди награда од 1 милион јуани (127 илјади американски долари) за информација која би довела до апсење на лицата.

Кампањата е наречена „Црвеното знаме со пет ѕвезди има 1,4 милијарди чувари“, што упатува на големината на населението во Кина.

„Од една страна, чуствувам потреба да го изразам мојот најосновен патриотизам како граѓанин на Хонг Конг и како Кинез. И јас сум еден од чуварите на знамето. Од друга страна, се надевам дека ќе го поттикнам колективниот глас преку учество во ваква кампања“, рече Џеки Чен.

Нередите во поранешната британска колонија траат веќе 10 недели откако незадоволните граѓани излегоа на улиците да протестираат против ерозијата на слободите и автономијата под кинеска управа.